Од 12 октомври 2026 година, македонските државјани кои патуваат во земјите на Европската Унија ќе мора да плаќаат 20 евра за добивање дозвола преку Европскиот систем за информации и авторизација за патување (ETIAS). Првично беше најавено дека таксата ќе изнесува 7 евра, но Европската комисија објаснува дека цената е зголемена поради инфлацијата од 2018 година и дополнителните трошоци за нови технички функционалности на системот.
ETIAS ќе биде задолжителен за државјани на сите земји кои се ослободени од визи, меѓу кои е и Македонија. Системот е дел од новата ИТ архитектура на ЕУ, чија цел е да ја засили безбедноста и да го олесни патувањето. Дозволата ќе важи три години од издавањето.
За да се аплицира за ETIAS потребно е:
- Важечки пасош кој нема да истече во следните 3 месеци и не е постар од 10 години.
- Платежна картичка за уплата на таксата од 20 евра.
- Пополнување на лични податоци во онлајн формулар.
Пред воведувањето на ETIAS, од октомври 2025 година ќе стартува Системот за влез/излез (EES), кој нема да се наплаќа. EES ќе се воведува постепено во рок од шест месеци на надворешните граници на 29 европски земји.
Овој систем ќе вклучува и собирање биометриски податоци – фотографија од лицето и отпечатоци од прсти. Одбивањето да се дадат овие податоци ќе значи одбивање на влез во земјите кои го користат EES.
ETIAS ќе важи за патници од 63 држави кои во моментов влегуваат во ЕУ без виза, меѓу кои и македонските граѓани.