Откако ќе биде потпишан меморандумот за разбирање меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, дипломатската активност на САД ќе биде насочена кон војната во Украина, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
„Вчера имавме многу добар разговор со претседателот (на Украина, Володимир) Зеленски и претседателот (на Русија, Владимир) Путин и гледам дека можеби можеме нешто да направиме, навистина гледам. Мислам дека и двајцата се отворени за тоа. Знаете, сега кога ова (Иран) е завршено, ќе се фокусираме на Украина“, рече Трамп.
Трамп ова го изјави за време на конференцијата воочи самитот на групата Г7 во Евијан, Франција, каде што се обрати заедно со францускиот претседател Емануел Макрон, јавува „Јуроњуз“.
„Испративме порака“
Претходно, Зеленски изјави дека понудил да се сретне со Путин на маргините на самитот на Г7 за да разговараат за ставање крај на четиригодишната војна, но дека рускиот лидер „не бил подготвен за разговор“.
„Испративме порака дека сме подготвени да се сретнеме со Путин за време на Г7, бидејќи таму ќе бидат присутни и американскиот претседател Доналд Трамп, како и францускиот претседател Емануел Макрон – значи Европа плус Америка. Тоа е добра, мислам дури и многу добра можност сите заедно да се сретнеме“, рече тој.
Зеленски во неделата изјави дека за време на телефонскиот разговор со Трамп бил договорен деталниот тек и продолжувањето на разговорите за мировните иницијативи за Украина во рамките на самитот Г7.
Тој додаде дека за време на разговорот му посакал на Трамп „успех, пред сè во неговите напори за ставање крај на руската војна против Украина“.







