ПРВ.мк
Свет

Трамп со неочекуван пресврт: најголемо разочарување за Зеленски и „победа“ за Путин

Трамп со неочекуван пресврт: најголемо разочарување за Зеленски и „победа“ за Путин

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој неодамна најави дека ќе изврши притисок врз Владимир Путин поради војната во Украина, по самитот на Алјаска изненадувачки ја смени реториката. На својата платформа Truth Social тој порача дека сака директни мировни преговори, а не само примирје, и најави дека нема да воведува нови санкции кон Русија.

Според „Фајненшл тајмс“, Путин побарал Украина целосно да се повлече од Донецк и Луганск, нудејќи замрзнување на фронтот на останатите боишта. Ова предизвика бурни реакции во Киев – украински претставници зборуваат за „нож во грб“ и предупредуваат дека тоа би значело капитулација. Зеленски соопшти дека нема да прифати откажување од источните територии, иако е подготвен да разговара за територијални прашања во Вашингтон и на евентуален трилатерален состанок.

Украинската пратеничка Ивана Климпуш-Цинцадзе праша како ќе се гарантира дека Москва повторно нема да нападне, а активистката Олга Ајвазовска предупреди дека предавањето на територии кои Русија не ги контролира целосно може да предизвика нова опасна ескалација. Аналитичарот Александар Хара оцени дека самитот претставува „голема грешка и победа за Путин“, со ризик вината за неуспехот да падне врз Зеленски.

Во меѓувреме, борбите на фронтот не стивнуваат. Во Донецкиот регион, Русија се проби кај Добропиље, но беше сопрена од украинските елитни единици. Зеленски истакна дека има одредени успеси, но предупреди дека Москва ќе се обиде да ја засили офанзивата пред можните преговори. Во Киев, по неколку дена тишина, повторно беа активирани сирените за воздушна опасност.

Escape