Американскиот претседател, Доналд Трамп, пред средбата со ирскиот премиер во Белата куќа, изјави дека САД добиле „некои позитивни пораки“ за прекин на огнот со Украина, по вчерашните разговори во Саудиска Арабија.
„Се надевам дека ќе постигнеме прекин на огнот“, изјави Трамп пред новинарите, додавајќи дека „сега зависи од Русија“. Американскиот претседател истакна дека „нашите луѓе се на пат кон Русија во моментов“.
„Можеме да извршиме притисок врз Русија. Се надевам дека нема да биде потребно, но можеме да го направиме тоа. Можам да применам многу силни финансиски санкции за Русија, кои би биле многу штетни за нив. Но, не сакам да го сторам тоа бидејќи сакам мир“, рече Трамп.
Претходно денеска, американскиот државен секретар, Марко Рубио, изјави дека САД ќе имаат контакт со руската страна и се надеваат на позитивен одговор од Москва.
„Силно ги повикуваме Русија да ги прекине сите непријателства. Овој конфликт нема воено решение“, нагласи Рубио. Тој потврди дека разговорите во Џеда вклучиле и дискусии за тоа „како треба да изгледа преговарачкиот процес“, вклучувајќи и „разговори за територијални отстапки“.
„Ако Русите одбијат, тоа ќе ни каже многу за нивните цели и начин на размислување“, додаде Рубио.
Тој исто така истакна дека Украина ќе има потреба од доволно силна заштита од идни напади и дека европските земји ќе мора да се вклучат во овој процес. Рубио нагласи дека договорот за минерални суровини не треба да се гледа како безбедносна гаранција.