Кремљ не ја исклучува можноста за телефонски разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на САД Доналд Трамп по американско-украинските преговори во Џеда, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Не ја исклучуваме можноста дека може да се појави тема за телефонски разговор на највисоко ниво. Ако се појави потреба, разговорот ќе биде организиран многу брзо. Постојаните канали за дијалог со Американците овозможуваат тоа да се направи во прилично краток рок“, изјави тој.
Песков додаде дека Русија очекува да добие информации за деталите од преговорите во Џеда на идните преговори со САД, кои ќе се случат наскоро, пренесува ТАСС.
Во врска со потенцијалното 30-дневно примирје во Украина, за кое разговарале украински и американски официјални лица, Песков напомена дека е важно „да не се претера со брзање“.
И портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави синоќа дека Кремљ не ја исклучува можноста за контакти со американската страна во следните неколку дена.
Таа го изјави ова за РИА Новости, по изјавата на Трамп дека целосен прекин на огнот во Украина ќе биде постигнат во наредните денови и дека верува дека за ова ќе разговара со Путин оваа недела.
„Путин тешко ќе се согласи со идејата за прекин на огнот“
Висок руски извор изјави за Ројтерс дека претседателот Владимир Путин тешко би се согласил со идејата за прекин на огнот без договор за условите и добивање некои вид гаранции.
„На Путин ќе му биде тешко да се согласи со тоа во неговата сегашна форма“, изјави изворот за Ројтерс под услов на анонимност поради чувствителноста на ситуацијата, пренесе „Јутарни лист“.
„Путин е во многу силна позиција бидејќи Русија напредува“, додаде тој.
Изворот изјави дека без гаранции за прекин на огнот, позицијата на Русија брзо може да стане послаба и дека тогаш Западот би можел да ја обвини Русија за неуспехот да ја заврши војната.
Друг висок руски извор изјави дека предлогот за прекин на огнот изгледа како замка од перспектива на Москва, бидејќи на Путин ќе му биде тешко да ја запре војната без конкретни гаранции или ветувања.
Трет руски извор додаде дека поголемата слика е што САД се согласија да продолжат со воената помош за Украина и размена на разузнавачки податоци, и го „облекоа“ тој потег со предлог за прекин на огнот.