Кремљ одбил да го коментира предлогот за прекин на огнот со Украина на 30 дена, наведувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин треба да добие повеќе детали пред да ја разгледа понудата.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјавил дека Москва очекува “детални информации” од Вашингтон по преговорите меѓу високите официјални претставници на САД и Украина во Саудиска Арабија, на кои Киев изјави дека е подготвен за моментален прекин на огнот, пренесува “Гардијан”.
“Очекуваме дека државниот секретар Марко Рубио и советникот Мајк Волц ќе не информираат за преговорите и постигнатите договори во следните денови”, изјавил Песков за новинарите во Москва, додавајќи дека Кремљ може да организира краток телефонски разговор меѓу Путин и Доналд Трамп, ако тоа биде потребно.
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, потврдил дека САД во среда ќе ја информираат Русија за договорот за прекин на огнот постигнат со Украина.
“Сите се радуваме на одговорот на Русија и ја охрабруваме да го разгледа прекинот на сите воени акции”, изјавил Рубио.
“Ако кажат ‘не’, тогаш ќе мораме се добро да разгледаме и да сфатиме каква е нашата позиција во светот, но и кои се нивните вистински намери”, додал тој.
Очекувањата се дека ќе стигне претставникот на Белата куќа за Блискиот исток и близок сојузник на Трамп, Стив Виткоф, во Москва подоцна оваа недела за состанок со рускиот лидер, иако Кремљ тоа сè уште не го потврдил.
Во меѓувреме, Украина соопштила дека планира да продолжи со разговори со САД следната недела во врска со деталите за привремен прекин на огнот од 30 дена.
“Веќе се договоривме дека следната недела, на техничко ниво, тимовите ќе започнат да разговараат за сите детали”, изјавил Андриј Јермак, шеф на администрацијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, доцна во вторник вечерта по важните преговори во Џеда, кои исто така поттикнале САД да ги укинат своите ограничувања за воена помош и размена на разузнавачки податоци.
Јермак додал дека САД сега ќе ги презентираат предлозите на Русија развиени во текот на преговорите.
“По оваа средба, клучот сега е во рацете на Русија. И целиот свет ќе види кој навистина сака мир, а кој само зборува за него”, изјавил Јермак.
Се уште не е јасно дали Путин е подготвен да го прифати прекинот на огнот.