ПРВ.мк

Трамп: Путин нема намера да ја сопре војната во Украина

Трамп: Путин нема намера да ја сопре војната во Украина
Vero

ВАШИНГТОН – Американскиот претседател Доналд Трамп, во телефонски разговор со европски лидери одржан во понеделникот, 19 мај, признал дека рускиот претседател Владимир Путин не покажува волја за ставање крај на војната во Украина, со образложение дека верува оти Русија е во предност – јавува „Вол Стрит Журнал“, повикувајќи се на извори блиски настаните.

„Ова признание ја потврди претпоставката која долго време ја имаа европските лидери – дека Путин не е подготвен за мир. Но, тоа беше првпат такво нешто да го чујат директно од Трамп,“ наведува изворот. Притоа се посочува дека оваа проценка стои во спротивност со претходните изјави на Трамп, кој често тврдеше дека Путин „искрено сака мир“.

И покрај новата проценка, Трамп не се согласил со барањата на украинскиот претседател Володимир Зеленски и лидерите на ЕУ за зголемен притисок врз Москва.

Пред да разговара со Путин во неделата, 18 мај, Трамп имал телефонски разговор со лидерите на Франција, Германија, Италија и Обединетото Кралство, при што изјавил дека би можел да воведе санкции доколку Русија одбие примирје.

Сепак, веќе наредниот ден ја променил својата позиција и покажал помала подготвеност за ваква акција.

„Ова не е моја војна. И самите се вплеткавме во нешто во што никогаш не требаше да се вмешаме“, изјави Трамп за медиумите по разговорот со Путин.

Во одделен неделен разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони и британскиот премиер Кир Стармер, Трамп најавил дека ќе испрати делегација на преговорите што треба да се одржат во Ватикан. Делегацијата ќе ја предводат државниот секретар Марко Рубио и специјалниот претставник за Украина и Русија, Кит Келог.

Во истиот разговор била разгледувана и можноста за санкции насочени кон руските енергетски и финансиски сектори. Но, веќе следниот ден, Трамп покажал значително помал ентузијазам за американско учество во процесот.

Европските лидери инсистирале дека единствениот прифатлив исход од ватиканските преговори треба да биде безусловно примирје. Трамп, сепак, бил резервиран, истакнувајќи дека не ја одобрува формулацијата „безусловно“.

„Никогаш не сум го користел тој збор,“ рече тој – иако, според архивите, на 8 мај токму тој термин го употребил во објава на својата платформа Truth Social, повикувајќи на 30-дневно примирје.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран