Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука да пренасочи вкупно 52 милиони долари американска воена помош, при што меѓу земјите од кои се повлекува дел од средствата е и Северна Македонија.
Стејт департментот го известил Конгресот дека средствата од програмата за финансирање на странска војска, кои досега биле наменети за Северна Македонија, Словачка, Тунис и Ирак, ќе бидат пренасочени кон Панама, Перу, Еквадор и Колумбија.
Засега не е соопштено колкав дел од вкупните 52 милиони долари бил предвиден конкретно за Македонија, ниту колку средства ќе останат достапни за земјата по промената. Според информациите објавени од американски извори, помошта за погодените држави нема целосно да биде укината.
Одлуката доаѓа по турнејата на американскиот државен секретар Марко Рубио во Колумбија, Еквадор и Перу, каде што Вашингтон најави зајакнување на безбедносната соработка со земјите од регионот.
Од Стејт департментот објаснуваат дека пренасочените пари ќе бидат користени за борба против наркотероризмот, транснационалниот организиран криминал и за зајакнување на безбедноста на Панамскиот канал.
Американската администрација наведува и дека новата распределба е дел од поширока стратегија за поголем безбедносен фокус кон Западната хемисфера и спречување на засилено воено и стратешко влијание на американските ривали во регионот.
Програмата Foreign Military Financing им овозможува на земјите-партнери со американски средства да набавуваат воена опрема и услуги од американски компании.
Македонија и Словачка се членки на НАТО, но и покрај пренасочувањето на дел од средствата, според досега објавените информации, американската воена помош за овие земји не се укинува целосно.








