ПРВ.мк
Свет

Поранешниот командант Хоџа во Скопје: ОВК не изврши злосторства, процесот во Хаг е монтиран – Очекуваме нивно ослободување

Поранешниот командант Хоџа во Скопје: ОВК не изврши злосторства, процесот во Хаг е монтиран – Очекуваме нивно ослободување

Поранешниот командант Самидин Џезаири, познат како Хоџа, за време на маршот „Слободата има име“ во Скопје изнесе став дека ОВК не извршила злосторства ниту во Косово, ниту во Македонија, оценувајќи дека нејзината борба била „чиста“.

Маршот беше организиран како поддршка за поранешните лидери на ОВК кои се судеа пред Специјализираните совети на Косово во Хаг.

Џезаири пред присутните тврдеше дека судскиот процес бил „монтиран“ од Србија и поддржан од Русија и Кина.

„ОВК воопшто, ниту во Косово, ниту во Македонија, нема направено злосторства, направи чиста војна“, изјави Џезаири.

Тој тогаш изрази очекување дека поранешните лидери на ОВК ќе бидат ослободени, додавајќи дека без оглед на исходот на постапката, според него, постоењето на Косово не може да биде доведено во прашање.

„Очекуваме да бидат ослободени, но дури и ако донесат одлука за некаква евентуална казна, Косово никој повеќе не може да го поништи“, порача Џезаири.

Тој дополнително го оцени процесот како координиран против ОВК, Косово и Албанците и изрази надеж дека судот ќе донесе ослободителна одлука.

Во меѓувреме, на 16 септември 2026 година, Специјализираните совети во Хаг ја објавија пресудата во предметот против Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи. Судскиот совет ги прогласи четворицата за виновни за повеќе воени злосторства, додека ги ослободи од обвиненијата за злосторства против човештвото.