ПРВ.мк
Свет

Зеленски му испрати директна порака на Путин: „Дајте ни 60 дена и ќе организираме избори!“

Зеленски му испрати директна порака на Путин: „Дајте ни 60 дена и ќе организираме избори!“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски испрати директна порака до рускиот лидер Владимир Путин, порачувајќи дека Украина е подготвена да организира претседателски избори доколку Русија прифати целосен прекин на огнот во траење од 60 дена.

Во интервју за американската телевизија Еј-Би-Си, во емисијата „This Week“, Зеленски нагласи дека за одржување избори во услови на војна е неопходно да се обезбедат мир и безбедност за граѓаните.

„Кажете му на Путин да ни даде два месеца, 60 дена целосно примирје, и ние ќе организираме избори“, порача Зеленски.

Неговата изјава следува откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно го критикуваше украинското раководство и порача дека е време Украина да добие нов претседател.

Трамп во саботата изјави дека Зеленски пропуштил повеќе можности да постигне договор за завршување на војната со Русија.

Американскиот претседател истовремено ги критикуваше украинските напади врз руските нафтени рафинерии, особено по одлуката на Вашингтон привремено да ги олесни санкциите за руското гориво.

Зеленски, пак, одговори дека изборот на украинскиот претседател е исклучиво право на граѓаните на Украина, а не одлука што треба да ја носат странски лидери.

Тој посочи дека одржувањето избори за време на војната претставува сериозен правен и безбедносен предизвик, бидејќи земјата се наоѓа под воена состојба.

Според украинскиот претседател, неопходно е да се создадат услови во кои граѓаните ќе можат безбедно да гласаат, а изборниот процес да биде организиран согласно законските правила.

Зеленски истакна и дека Путин, според неговото мислење, би сакал промена на украинското раководство, но дека конечната одлука мора да им припадне на Украинците.

Во интервјуто тој се осврна и на нападите врз енергетската инфраструктура, нагласувајќи дека Украина е подготвена да ги запре нападите врз руските рафинерии доколку Москва престане да ги напаѓа украинските енергетски објекти.

Зеленски го оцени ваквиот реципрочен прекин на нападите како можен прв чекор кон намалување на тензиите и пошироки мировни преговори.

Сепак, неговата понуда за избори останува условена со целосно 60-дневно примирје. Засега не е потврден договор со Русија за таков прекин на огнот.