Тешка семејна трагедија се случила во селото Пограџе, во близина на Гњилане во Косово, каде што во неделата вечерта бил убиен маж, а според локалните медиуми, главен осомничен за злосторството е неговиот татко.
Според информациите од косовската полиција, убиството било пријавено околу 19:30 часот, по што полициските екипи започнале истрага за утврдување на сите околности.
Осомничениот по настанот побегнал и полицијата трага по него.
Медиумите во Приштина објавуваат дека станува збор за семеен конфликт во кој татко го убил сопствениот син, но надлежните засега не ги соопштиле сите детали за случајот.
Ова е втор случај на убиство во општина Гњилане во период од само три дена, што предизвика сериозна загриженост кај локалното население.
Во петокот, во селото Долни Ливоч, се случило двојно убиство, кога маж ги убил својата сопруга и нејзиниот брат, а тешко го ранил другиот брат на сопругата.
По најновото убиство, градоначалникот на Гњилане, Албан Хисени, соопштил дека за понеделник наутро свикал итен состанок на Општинскиот совет за безбедност.
Целта на состанокот е разгледување на безбедносната состојба и можните мерки по серијата насилни инциденти.
Надлежните институции продолжуваат со истрагата, а се очекуваат дополнителни информации за мотивите и околностите под кои се случило последното убиство.






