ПРВ.мк
Црна Хроника

Страшна несреќа: Струен удар му изгорел 80 отсто од телото на 14-годишно момче

Страшна несреќа: Струен удар му изгорел 80 отсто од телото на 14-годишно момче

Четиринаесетгодишно момче се здобило со тешки повреди опасни по живот откако било погодено од силен струен удар додека се возело на покривот на регионален патнички воз во германскиот град Келн.

Несреќата се случила во неделата вечерта, околу 21 часот, додека тинејџерот практикувал опасна активност позната како „сурфање на воз“.

Според првичните информации, до несреќата дошло кога момчето се приближило до високонапонската контактна мрежа над железничката пруга.

Како што пренесува германски „Билд“, меѓу електричните водови и тинејџерот се создал електричен лак, што предизвикало силен струен удар.

Патниците во возот слушнале силен тресок и крици, по што веднаш го предупредиле машиновозачот. Тој активирал итно сопирање и го запрел возот во близина на улицата Полигштрасе.

Спасувачката интервенција била исклучително сложена бидејќи повреденото момче останало на покривот на вагонот.

Пред спасувачите да му пристапат, морало да биде исклучено електричното напојување и да се обезбеди контактната мрежа.

По отстранувањето на опасноста, тинејџерот бил симнат од возот и му била укажана итна медицинска помош.

Според германската полиција, момчето добило изгореници на околу 80 проценти од површината на телото.

Поради сериозноста на повредите, бил ангажиран спасувачки хеликоптер за итен транспорт до болница.

Полицијата започнала истрага за утврдување на околностите на несреќата, вклучително и како малолетникот успеал да се качи на покривот на возот.