ПРВ.мк
Црна Хроника

Двајца велешани приведени за дрога: Едниот направил неочекуван потег кога полицијата се обидела да го претресе

Двајца велешани приведени за дрога: Едниот направил неочекуван потег кога полицијата се обидела да го претресе

Двајца велешани биле приведени во одделни полициски интервенции на 11 октомври, поради сомневања поврзани со недозволени наркотични средства, информираат од СВР Велес.

Првиот случај се случил во 20:40 часот, кога полициски службеници го лишиле од слобода И.А. (42) од велешкото село Горно Оризари.

При извршениот преглед кај него била пронајдена и одземена бела прашкаста материја, по што бил приведен.

Само два часа подоцна, во 22:35 часот, полицијата интервенирала и на улицата „Благој Ѓорев“ во Велес.

Полициските службеници запреле такси-возило во кое како патник се превезувал Т.А. (36) од Велес.

Кога полицајците се обиделе да извршат преглед, 36-годишникот се обидел да побегне, но набргу бил фатен.

При интервенцијата, според полицијата, тој проголтал бела прашкаста материја, поради што веднаш бил пренесен во Општата болница во Велес за укажување медицинска помош.

По добиениот медицински третман, лицето било приведено во полициска станица.

Засега не е соопштено за каква точно материја станува збор, ниту дали нејзиниот состав е лабораториски потврден.

За двата одделни настани бил известен јавен обвинител.

Од СВР Велес информираат дека по целосното документирање на случаите, против двете лица ќе бидат поднесени соодветни пријави.