Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД би тргнале по погрешен пат ако продолжат да примаат имигранти кои, според него, ја носат „непотребната проблематика“ во земјата. Острите коментари дојдоа по медиумските извештаи за планирана имиграциска операција насочена кон сомалиската заедница во Минесота, пренесе BBC.
„Не ги сакам во нашата земја, ќе бидам искрен со вас“, рече Трамп на состанок со кабинетот. „Со Сомалија, која е едвај земја, знаете, тие немаат ништо. Тие само се убиваат едни со други. Нема структура. Ќе бидам искрен, не ми е гајле дали некои ќе кажат дека тоа не е политички коректно, но јас не ги сакам во нашата земја“, додаде тој.
Трамп, исто така, ја нападна пратеничката Илхан Омар, првата сомалиско-американска личност избрана во Конгресот, истакнувајќи дека „ги мрази сите“ и ја оцени како „некомпетентна личност“. Омар реагираше на социјалните мрежи: „Неговата опсесија со мене е ужасна. Се надевам дека ќе ја добие помошта што очајно му е потребна.“
Овие изјави повторно ги разбудија дебатите за имиграциската политика на Трамп и неговиот стил на директно и контроверзно коментирање на чувствителни теми.













