Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е решен да стави крај на војната во Украина, и покрај тоа што, како што рече, „се покажа дека е многу тешко“. Тој најави дека наскоро ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин и потенцираше дека има „многу добар дијалог“ со него.
Во изјава од Белата куќа, Трамп изрази жалење за загубата на 7.014 животи само во последната недела од војната. Тој повтори дека останува уверен оти може брзо да ја заврши руската агресија врз Украина. „Ова е потешко отколку што изгледа, но ќе го завршиме“, рече Трамп.
Тој истакна дека го следи развојот на конфликтот и дека е во комуникација и со украинскиот претседател Владимир Зеленски. „Сè уште не се подготвени, но нешто ќе се случи“, изјави Трамп во интервју за Си-Би-Ес њуз, алудирајќи на можното одржување на трилатерална средба.
Претходно, Трамп ги повика европските лидери да престанат со купување руска нафта, бидејќи токму тоа, според него, ја финансира војната. Тој исто така повика и на економски притисок врз Кина поради нејзината поддршка на Русија.
„Русија од Европа заработила 1,1 милијарда евра за една година од продажба на гориво“, изјави висок претставник од Белата куќа, потенцирајќи ја потребата од заеднички западен одговор.
Трамп најави дека наскоро ќе даде ново официјално соопштение за ситуацијата со Русија и Украина.