Американскиот претседател Доналд Трамп денеска најави дека САД наскоро ќе започнат со производство на нов борбен авион од шеста генерација, наречен Ф-47.
„Военото воздухопловство на Соединетите Држави напредува со развојот на првиот светски борбен авион од шеста генерација. Ништо на светот не му е ни близу, а ќе биде познат како Ф-47“, изјави Трамп на заедничка прес-конференција со министерот за одбрана, Пит Хегсет.
Трамп додаде дека експерименталната верзија на Ф-47 лета веќе речиси пет години, а за неговото производство ќе биде задолжена компанијата Боинг, пренесува Си-Ен-Ен.
По ригорозен натпревар помеѓу некои од најголемите американски воздухопловни компании, Воздухопловните сили на САД ќе му доделат на Боинг договор за производство на новата генерација на платформи за воздушна доминација, објави Трамп.
Кон крајот на минатата година, американските воздухопловни сили ја одложија одлуката за започнување на производството, нагласувајќи дека конечната одлука ќе биде донесена од администрацијата на Трамп.