Русија изврши масовен воздушен напад врз Киев во кој загинаа најмалку 28 луѓе, меѓу нив и три деца. Нападот доаѓа и покрај ултиматумот на Доналд Трамп до Владимир Путин да постигне примирје до 8 август, или во спротивно ќе следуваат нови, построги санкции од САД.
Нападите предизвикаа разурнување на станбени згради, повреди на 159 лица и огромна паника во главниот град на Украина. Министерството за внатрешни работи потврди дека три деца на возраст од 3, 6 и 17 години се меѓу загинатите. Русија испратила дури 309 беспилотни летала и 8 крстосувачки ракети, од кои дел биле пресретнати, но многу сепак погодиле цели.
Киевските општини Свјатошински и Соломјански се најтешко погодени. Урнат е цел влез од една зграда, а болници, училишта и градинки се оштетени. Градоначалникот и министерот за внатрешни работи потврдија дека сѐ уште има луѓе под урнатините.
Истовремено, Русија тврди дека го зазела важниот град Часив Јар во Донецк, што Украина го негира. Воените аналитичари укажуваат дека борбите сè уште траат.
Зеленски го обвини Кремљ дека со овој напад директно ја поткопува секоја надеж за мир: „Светот го виде одговорот на Русија на нашите и американските повици за прекин на огнот – демонстративно убиство.“
Американскиот дипломат Џон Кели повика на итни преговори, но украинските власти сметаат дека е дојден моментот за максимален притисок врз Путин, бидејќи досегашната „трпеливост“ на Трамп не донесе резултати.