По тензичните изјави од американскиот претседател Доналд Трамп, украинскиот лидер Володимир Зеленски излезе со реакција дека американските претставници се добро запознаени со клучните украински позиции.
Зеленски го оцени последниот дипломатски дијалог како „конструктивен, но не и едноставен“, по средбата со специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, и со Џеред Кушнер, кои престојуваат во Киев за напори околу потенцијалниот мировен план. Тензичноста се зголеми откако Трамп јавно обвини дека Зеленски „сè уште го нема прочитано“ новиот американски предлог и дека не е сигурен дали Украина ќе го прифати.
Зеленски возврати дека разговорите се водат врз основа на јасни услови поставени од Киев, вклучувајќи почитување на територијалниот интегритет и обезбедување одржлива безбедност за Украина.
Денес украинскиот претседател заминува за Лондон за итни консултации со британското, француското и германското раководство. Европските разговори ќе продолжат во Брисел, каде што се очекува да се дефинира заеднички став за американскиот предлог, како и координација во однос на воената, финансиската и дипломатската поддршка за Украина.
Обраќањето на Зеленски доаѓа во време на зголемени меѓународни притисоци за интензивирање на мировните иницијативи, но и во сенка на контроверзните изјави на Трамп. Киев јасно нагласува дека не планира да прифати „брз“ договор кој би ја загрозил долгорочната безбедност на државата.
















