Силното невреме што го зафати Детроит, во американската сојузна држава Мичиген, официјално е потврдено како торнадо – прво што го погодило градот по речиси три децении.
Торнадото поминало низ источниот дел на Детроит и предизвикало голема материјална штета. Оштетени се илјадници домови и деловни објекти, а соборени се стотици дрвја и електрични водови.
Националната метеоролошка служба испратила екипи за процена на штетите на подрачјето од Хамтрамк, преку Детроит, до островот Бел Ајл. Градоначалничката Мери Шефилд потврдила дека метеоролозите утврдиле оти низ источниот дел на градот навистина поминало торнадо, додека неговата јачина и точната патека дополнително треба да бидат утврдени.
На повеќе места биле оштетени покриви и фасади, дрвја паднале врз куќи и автомобили, а дел од улиците биле блокирани. Засега нема информации за загинати или потешко повредени лица.
Последиците биле особено видливи на електричната мрежа. Во еден момент повеќе од 250.000 домови и деловни објекти низ Мичиген останале без електрична енергија.
За санација биле ангажирани околу 3.400 работници, вклучувајќи и дополнителни екипи од други американски сојузни држави. Според последните информации, електричната енергија веќе била вратена кај околу 95 проценти од корисниците погодени од прекините.
Градските служби продолжуваат со расчистување на последиците, додека надлежните метеоролошки служби треба дополнително да ги објават податоците за силината и патеката на торнадото.







