Само неколку дена пред прославата на Лунарната Нова година, силна експлозија ја потресе источна Кина, при што најмалку осум лица го загубија животот, а две други се здобија со полесни изгореници. Трагедијата се случила во продавница за огномет во село во покраината Jiangsu, објави британскиот таблоид The Sun.
Според извештај на локалните власти од округот Донгхај, експлозијата се случила во недела попладне, кога жител поставил пиротехнички средства премногу блиску до објектот каде што се продавал и складирал огномет. Несоодветната употреба на пиротехниката довела до детонација во магацински простор, по што избувнал и пожар.
Властите соопштиле дека „несоодветна употреба“ на огномет од едно или повеќе лица ја предизвикала експлозијата. Пожарот кој следел бил ставен под контрола околу 16:00 часот по локално време. Во несреќата загинале осум лица, додека две лица поминале со полесни повреди.
Инцидентот се случува во период кога низ Кина традиционално се користи огномет за одбележување на значајни празници, особено за Лунарната Нова година. Иако во големите градови употребата на пиротехнички средства е строго регулирана поради загадувањето на воздухот и безбедносните ризици, во помалите средини ваквите активности и понатаму се честа појава.
Во последните години дел од локалните власти ги заострија ограничувањата за користење огномет, но има и случаи каде што тие мерки се делумно олабавени, особено за време на празничниот период. Сепак, трагедијата во Jiangsu повторно ја отвора дебатата за безбедноста и контролата на пиротехничките средства.
Надлежните органи започнале истрага за целосно утврдување на околностите, а одговорните лица се приведени. Властите најавуваат дека ќе следуваат соодветни мерки согласно законот.
Ова не е изолиран случај на сериозен инцидент поврзан со огномет во Кина. Минатиот октомври, во градот Liuyang, голем огнометен настан излегол од контрола, создавајќи сцени на паника кога огнени проектили почнале да паѓаат врз присутните. Снимките од настанот покажаа луѓе кои во страв трчаат и се кријат за да избегнат повреди.
Најновата трагедија уште еднаш потсетува колку пиротехниката, иако дел од долгогодишна традиција, може да стане смртоносна кога не се почитуваат безбедносните правила и прописите.

















