Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан упати остри пораки до американскиот претседател Доналд Трамп од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации, нагласувајќи дека Техеран останува отворен за дипломатија, но нема да прифати преговори под притисок.
Пезешкијан ги отфрли обвинувањата на Трамп кон Иран и порача дека неговата земја се смета за жртва на американските и израелските напади. Во говорот покажа фотографии од деца загинати при нападот врз училиште во Минаб. Неодамнешна истрага на ОН утврди дека постојат „разумни основи“ да се верува дека САД се одговорни за нападот врз училиштето, во кој загинаа 120 деца.
За време на овој дел од говорот, претставници на американската делегација ја напуштија салата. Пезешкијан тврдеше дека Иран дејствувал во самоодбрана и дека нема намера да се откаже од своите позиции под воен или политички притисок.
Иранскиот претседател се осврна и на нуклеарната програма, велејќи дека Техеран не бара нуклеарно оружје, но нема да прифати ограничување на правото на мирнодопска нуклеарна технологија.
На крајот директно му се обрати на Трамп, порачувајќи дека Иран е подготвен за дијалог, дипломатија и преговори, но не и за прифаќање на, како што го нарече, „јазикот на силата“. Трамп еден ден претходно предупреди дека би можел да го „уништи“ Иран доколку не биде постигнат договор за завршување на конфликтот.







