ПРВ.мк
Свет

ЛОША ВЕСТ ЗА ПАТНИЦИТЕ: „Рајанер“ најавува можен раст на цените на авионските билети

ЛОША ВЕСТ ЗА ПАТНИЦИТЕ: „Рајанер“ најавува можен раст на цените на авионските билети

Извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, ја промени претходната прогноза за поевтини авионски билети и сега очекува цените во текот на претстојната зимска сезона да останат стабилни или благо да пораснат.

Според О’Лири, клучен фактор за движењето на цените во следните месеци ќе биде цената на нафтата. Од февруари до јули просечните цени на билетите бележеле пад, што заедно со високите трошоци за гориво се одразило врз профитот на компанијата.

Сепак, од јули ситуацијата почнала да се менува. О’Лири посочи дека цените повторно бележат благ раст и во моментов се за неколку проценти повисоки во однос на истиот период минатата година.

Тој претходно прогнозираше дека во зимската сезона, од октомври до март, билетите би можеле да поевтинат за неколку проценти. Сега очекува поинакво сценарио.

„Многу работи зависат од цените на нафтата во следните пет до шест месеци, но оптимист сум дека цените во втората половина од годината ќе останат стабилни, а можеби и благо ќе растат“, изјави О’Лири.

„Рајанер“ веќе го намали бројот на летови во зимскиот распоред, а ја намали и целта за фискалната 2027 година од 216 на 214 милиони патници.

О’Лири предупреди дека доколку високите цени на нафтата продолжат и следната година, тоа би можело да доведе до позначително поскапување на авионските билети.