Претседателот на САД, Доналд Трамп, се подготвува за долгоочекуваната средба со рускиот колега Владимир Путин во Анкориџ, носејќи пакет предлози кои можат значително да ѝ користат на Русија, објави британскиот весник „Телеграф“.
Според извори од весникот, Трамп би можел да понуди:
- Пристап до природните богатства на Алјаска
- Отстранување на одредени американски санкции кон руската авиоиндустрија
- Достап до ретки минерали од украинските територии под руска контрола, вклучително и литиум, важен за батерии
Американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, го брифира Трамп за економските отстапки што САД би можеле да ги понудат за забрзување на постигнување на прекин на огнот. Еден од клучните предлози е договор за ретки минерали од украинските ресурси, кои досега беа достапни само со украинска согласност.
Дополнително, се разгледува отстранување на забраната за извоз на делови и опрема за руските авиони, како и дозвола за Русија да ги експлоатира природните ресурси во Беринговиот теснец, кој ги дели Алјаска и Русија и во кој се очекуваат значителни резерви на нафта и гас.
Британски владини извори оценуваат дека ваквите мерки можат да бидат прифатливи за Европа, под услов да не се гледаат како награда за Путин. Израелскиот модел на Западниот Брег се наведува како пример за потенцијален договор – Русија би ја задржала контрола врз окупираните територии преку свој административен орган.
Белата куќа ја намалува јавната очекуваност пред самитот. Трамп изјавил дека ќе знае „во првите две минути“ дали Путин е сериозен во врска со мирот. Европските дипломати, сепак, предупредуваат дека Путин не се откажал од целта да воспостави проруски режим во Киев. Рускиот претставник го опишува состанокот како дискусија за „руско-американските односи“ со потенцијал за зајакнување на трговската соработка.
Функционер на Белата куќа истакнува: „Претседателот сака да го запре крвопролевањето и да постигне целосно и сеопфатно примирје. Сите се согласуваат дека војната мора да заврши, и тој работи на тоа.“