Портпаролот на Иранската револуционерна гарда предупреди дека Иран ќе возврати со слични напади на Блискиот Исток доколку продолжат воздушните удари врз енергетската инфраструктура на земјата.
Во соопштението се наведува дека „криминалните Соединети Американски Држави и посрнатиот ционистички режим од почетокот на агресијата врз Исламската Република Иран не постигнале ништо освен убивање невини деца, невооружени мажи и жени и цивили“.
Според соопштението, покрај цивилните жртви, нападите биле насочени и кон енергетската инфраструктура и сервисни центри, што, како што се наведува, претставува нова ескалација на конфликтот.
Иранската револуционерна гарда истакна дека досега се воздржувала од ваков тип напади, но предупреди дека ќе возврати доколку продолжат ударите врз енергетските капацитети.
Воедно, во соопштението се повикуваат владите на исламските земји итно да ги предупредат САД и Израел со цел да се спречи понатамошно ширење на конфликтот во регионот.


















