Додека тензиите растат и директните контакти меѓу Иран и САД остануваат замрзнати, во сенка се одвива интензивна дипломатска игра. Клучна улога во оваа невидлива комуникација, според последните информации, има Турција.
Анкара активно пренесува пораки меѓу двете страни, обидувајќи се да отвори простор за разговори и да спречи дополнително продлабочување на конфликтот. Потпретседателот за надворешни работи на владејачката партија, Харун Армаган, потврди дека постои постојана размена на информации, но без да открие што точно содржат тие пораки.
Покрај тоа, Турција не комуницира само со Техеран и Вашингтон. Пораките се споделуваат и со земјите од Персискиот Залив, кои се директно погодени од ширењето на кризата.
Во меѓувреме, од Иран доаѓа јасен став – не постојат преговори за крај на војната, спротивно на тврдењата на Доналд Трамп. Ова дополнително ја усложнува ситуацијата и остава простор за сомнежи околу вистинската состојба зад дипломатските кулиси.
Турција, како членка на НАТО, уште пред ескалацијата се обидувала да посредува, а претседателот Реџеп Таип Ердоган најави дека тие напори ќе продолжат. Министерот за надворешни работи Хакан Фидан, пак, одржува контакти со двете страни, обидувајќи се да ги разбере нивните позиции и да спречи поголем конфликт.
Дополнителна тензија внесе и инцидентот на почетокот на војната, кога ракети насочени кон Турција биле пресретнати од НАТО одбраната.
Иако дипломатските канали се активни, исходот останува неизвесен, а прашањето е дали овие „тивки“ разговори навистина можат да спречат нешто многу поголемо.


















