Смртта на 14-месечниот Ноа Сибанда во детската градинка Fairytales Day Nursery во Дадли, во декември 2022 година, предизвика бран од шок, тага и осуди во јавноста. Детето починало откако вработена се обидела насилно да го успие, а целиот настан бил снимен од безбедносните камери. Градинката ја признала вината за убиство од небрежност, додека пресудата се очекува на 16 април.
Снимките откриле вознемирувачки детали – малиот Ноа бил поставен со лицето надолу врз перница, цврсто замотан во вреќа за спиење, додека преку главата му било ставено ќебе. Воспитувачката Кимберли Куксон ставила нога врз неговото тело и го држела притиснат одредено време, во обид да го натера да заспие, иако детето очигледно не сакало.
Набрзо било забележано дека бебето не дише, по што веднаш биле повикани итните служби. Ноа бил пренесен во болница, каде што лекарите само ја констатирале неговата смрт.
Случајот беше опишан како најлош кошмар за секој родител. Обвинителот Алекс Џонсон истакнал дека детето требало да биде безбедно под грижа на професионалци, но наместо тоа го загубило животот поради, како што навел, „безобѕирни и опасни практики на успивање“ кои претставувале сериозен ризик.
Доказите, вклучувајќи ги снимките и медицинските извештаи, покажале дека детето било поставено во позиција што сериозно ја ограничувала неговата способност за дишење и движење, создавајќи средина во која било практично невозможно да се извлече.
Сопственичката и директорка на градинката, Дебора Лејтвид, исто така признала вина за прекршување на законите за здравје и безбедност при работа. Таа изјавила дека не знаела за ваквите опасни практики, но прифатила дека имала обврска да биде информирана.
Воспитувачката Куксон (23) претходно признала вина за убиство од небрежност поради груба небрежност. Случајот продолжува да предизвикува силни реакции во јавноста, а конечната пресуда се очекува наскоро.


















