Бројот на потврдени случаи со хантавирус достигна 13, соопшти генералниот директор на Светска здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, кој информира дека ситуацијата засега останува под контрола и стабилна.
Според најновите податоци, Шпанија пријавила нов случај кај патници кои се наоѓаат во карантин, со што вкупниот број на заразени се зголемил на 13 лица. Случаите се поврзани со појава на инфекција на крузерот MV Hondius.
Гебрејесус преку објава на социјалната мрежа Икс информираше дека од 2 мај досега не се регистрирани нови смртни случаи, што значи дека бројот на починати останува три лица.
Иако бројките предизвикуваат внимание, од СЗО нагласуваат дека засега нема индикации за епидемија или пандемија. Сепак, здравствените власти не ја исклучуваат можноста за појава на нови случаи и внимателно ја следат состојбата.
Според информациите, сите заразени пациенти добиваат соодветна медицинска нега и се под постојан надзор.
СЗО посочува дека ситуацијата останува стабилна, но апелира за внимателно следење и навремено пријавување на нови случаи, со цел спречување на понатамошно ширење на вирусот.






