Во нападите на израелските воздухопловни сили врз јужниот дел на Либан убиени се 31 лице, а ранети се повеќе од 40 луѓе, пренесува „Ал Џазира“. Медиумите известуваат дека ова е еден од најсмртоносните денови во Либан од воспоставувањето на прекинот на огнот.
Повикувајќи се на податоци од либанското Министерство за здравство, „Ал Џазира“ наведува дека Израел извршил повеќекратни воздушни напади врз градовите Бурџ Ал Шамали, Кутаријат Ал Руз, Хабуш, Мараках и Салу, како и врз околните населени места.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот изјави дека на состанокот на безбедносниот кабинет наредил да се засилат нападите врз Хезболах, а неговите закани предизвикаа паника меѓу жителите на јужните предградија на Бејрут, каде што се наоѓаат упориштата на оваа милитантна група.
Примирјето досега беше прекршено повеќе пати од двете страни, што сериозно се заканува да ги загрози сложените тековни преговори за ставање крај на војната, кои се водат меѓу САД, Израел и Иран.
Соединетите Американски Држави ги одобрија плановите на Израел за проширување на борбата против Хезболах во наредните денови, но Вашингтон ја предупреди израелската влада да не го напаѓа Бејрут поради загриженост дека тоа ќе им наштети на преговорите со Иран, пренесоа еврејските медиуми повикувајќи се на неименувани израелски функционери.
Американскиот амбасадор Мајк Хакаби синоќа ја информирал Белата куќа за намерата на Израел да ги прошири операциите во Либан, при што американската порака гласела „да не се уриваат згради низ Бејрут“, објави претходно израелската телевизија „Канал 12“.






