ПРВ.мк
Свет

Судот ја откри морничавата вистина: Овој доктор е обвинет за серија убиства на пациенти

Судот ја откри морничавата вистина: Овој доктор е обвинет за серија убиства на пациенти

Суд во Берлин го осуди 41-годишниот лекар Јоханес М. на доживотен затвор, откако беше прогласен за виновен за убиство на 15 пациенти кои биле под негова грижа.

Според пресудата, лекарот во периодот од септември 2021 до јули 2024 година убил 12 жени и тројца мажи, на возраст меѓу 25 и 94 години. Иако сите биле тешко болни, судот утврдил дека нивната смрт во тој момент не била неизбежна.

Обвинителството наведе дека при домашни посети им давал смртоносна комбинација на лекови без нивна согласност. Во неколку случаи, според истрагата, наводно подметнувал пожари во домовите на жртвите со цел да ги прикрие трагите.

Само неколку часа пред неговото апсење во јули 2024 година, според обвинителите, лекарот усмртил двајца пациенти – 75-годишен маж и 76-годишна жена. По второто убиство, наводно се обидел да го запали домот на жената, но не успеал.

Во текот на речиси едногодишното судење, обвинетиот најголемиот дел од времето молчел. Минатиот месец признал дека усмртил 12 пациенти, тврдејќи дека верувал оти ги ослободува од страдање и немоќ.

„Мислев дека тоа е најдоброто решение за сите“, изјавил пред судот, притоа изразувајќи жалење за болката што им ја нанел на семејствата.

Но, случајот можеби не завршува тука. Германските власти во моментов истражуваат уште 76 сомнителни случаи во кои постои можност да бил вмешан истиот лекар.

Доколку се потврдат овие сомнежи, германските медиуми оценуваат дека Јоханес М. би можел да остане запаметен како еден од најголемите сериски убијци во историјата на Германија.

На судењето присуствуваа и членовите на семејствата на жртвите, кои сведочеа дека нивните најблиски сакале да живеат и имале планови за иднината, отфрлајќи ја можноста дека посакувале да им биде прекинат животот.