Жителите на градот Гаопинг во кинеската покраина Џијангси се разбудиле во хаос откако огромно лизгање на земјиште, предизвикано од обилните дождови, затрупало дел од населено место. Во несреќата едно лице го загубило животот, додека 11 лица се водат како исчезнати, соопштија локалните власти.
Одронот се случил во раните утрински часови и затрупал неколку објекти, додека дополнително биле оштетени 12 куќи. Спасувачките екипи веднаш биле испратени на терен и со часови трагаат по луѓе кои можеби останале заробени под урнатините, објави кинескиот државен радиодифузер CCTV.
Трагичниот настан е дел од серијата проблеми предизвикани од екстремните временски услови што ја погодија Кина. Обилните врнежи донеле поплави и одрони, а во погодените области биле пријавени сериозни оштетувања на патиштата и нарушување на основните јавни услуги.
Ситуацијата дополнително се влошила поради тајфунот Саудел, кој е 18-ти тајфун што ја погодил Кина оваа година. Во четвртокот тој по третпат стигнал до копното, овојпат во округот Џијангпу, по што десетици илјади луѓе биле евакуирани поради предупредувањата за силни ветрови и поројни дождови.
Во соседната покраина Џијангси, според локалните податоци, невремето погодило околу 128.500 жители во 53 окрузи, а речиси 8.700 луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови.
Кинеските власти продолжуваат со спасувачките операции, додека опасноста од нови одрони и поплави останува присутна во погодените подрачја.








