Голем пожар зафати речиси цело село Совеја во округот Вранча во Романија, при што околу 30 куќи беа целосно уништени, а најголем дел од нив изгореа до темел. Поради сериозноста на ситуацијата, над 300 жители беа евакуирани, додека властите издадоа итно предупредување преку системот „RO-Alert“ за сите што се наоѓаат во погоденото подрачје.
Пожарот избувнал вчера околу 9:30 часот во дворот на постара жителка, но за многу кратко време пламенот се проширил и на соседните куќи. Силниот ветер дополнително ја влошил ситуацијата, носејќи искри и оган низ целото село и предизвикувајќи нови жаришта.
Првично, на терен интервенирале пожарникари со две противпожарни возила, но поради брзото ширење на огнот, биле принудени да побараат дополнителна помош. Наскоро пристигнале засилувања, а во гаснењето се вклучиле и екипи од соседните региони. Во еден момент, огнот зафатил уште 11 куќи, што ја направило интервенцијата уште покомплексна.
Во хаосот што настанал, четири лица доживеале напади на паника, додека еден млад човек се здобил со повреда на раката откако парче лим паднало од покрив зафатен од пожарот.
Мештаните сведочат дека огнот се ширел неверојатно брзо, особено поради тоа што куќите биле претежно дрвени. Искрите прелетувале од еден објект на друг, оставајќи им многу малку време за реакција.
„Не знаевме што попрво да спасиме“, раскажува една жителка, опишувајќи ја драмата низ која поминале.
За настанот се огласи и претседателот на окружниот совет Вранча, Никушор Халичи, кој истакна дека погодени се 32 домаќинства. Тој најави дека спасувачката база во Совеја ќе им биде ставена на располагање на семејствата кои останале без покрив над главата, како и дека ќе се работи на расчистување на рушевините и дезинфекција на теренот.
Според портпаролот на итните служби во Вранча, Флорин Олару, во гаснењето учествувале 13 противпожарни цистерни со вода и пена, седум оперативни камиони, три минибуси за транспорт на екипите и две возила на итната медицинска помош.
Во текот на интервенцијата бил активиран и системот „RO-Alert“, кој служи за итно известување на населението преку мобилни телефони во случаи кога постои опасност по животот и здравјето.
Пожарот на крајот бил ставен под контрола, а ризикот од негово понатамошно ширење е отстранет. Во моментов се спроведува истрага за причините за избувнувањето, додека надлежните служби ја проценуваат штетата и организираат помош за погодените семејства.









