Осомничениот за пукањето на гала-вечерата во Вашингтон, од каде што беше евакуиран американскиот претседател Доналд Трамп, испратил обемен манифест само неколку минути пред нападот – документ што сега е во фокусот на истрагата.
Станува збор за 31-годишниот Кол Томас Ален, кој според извештаите, испратил порака од над илјада зборови до своето семејство непосредно пред да влезе во хотелот „Хилтон“ и да започне со пукањето. Во текстот, објавен од New York Post, тој детално ги опишал своите мотиви и таканаречени „правила на дејствување“, нагласувајќи дека за своја цел ги смета функционерите на актуелната американска администрација.
Според првичните информации од истражните органи, мета на нападот најверојатно биле високи претставници на власта, вклучително и самиот Трамп. Вршителот на должноста државен обвинител на САД, Тод Бланш, изјави дека досегашните сознанија укажуваат на тоа дека нападот бил насочен кон членови на администрацијата, а не се исклучува можноста случајот да биде квалификуван и како обид за атентат.
Напаѓачот бил совладан од безбедносните сили додека се движел низ хотелот и во моментов се наоѓа во притвор, каде се соочува со повеќе сериозни обвиненија, меѓу кои напад врз федерален службеник, употреба на огнено оружје и обид за убиство. Истрагата, сепак, сè уште е во тек и може да донесе дополнителни обвиненија.
Во манифестот, кој според извори за The Guardian се смета за автентичен, Ален составил листа на потенцијални цели, рангирани според приоритет. На врвот се наоѓале претставници на администрацијата на Трамп, додека други категории, како хотелски персонал и гости, не биле примарна цел освен во крајна нужда.
Инцидентот се случил во хотелот „Вашингтон Хилтон“, каде напаѓачот отворил оган кон агент на безбедносен пункт. Благодарение на заштитната опрема, агентот поминал без сериозни повреди. Во моментите на хаос, Трамп, заедно со сопругата Меланија Трамп, потпретседателот Џеј-Ди Венс и останатите членови на администрацијата, биле итно евакуирани.
Дополнителни информации објави и Associated Press, според кои осомничениот испратил писма до своето семејство непосредно пред нападот, во кои изразил силни негативни ставови кон актуелната власт. Еден од неговите роднини, наводно брат, контактирал со полицијата во Њу Лондон и споделил информации што помогнале во истрагата.
Во јавноста излегоа и делови од манифестот, во кои напаѓачот се обидува да ги оправда своите постапки, обвинувајќи ја администрацијата за низа потези со кои, според него, не можел повеќе да се согласи. Иако не го споменува Трамп директно по име, јасно алудира на неговите политики и одлуки.
Во интервју за медиумите, Трамп го опиша напаѓачот како „болна личност“, додавајќи дека не чувствувал паника за време на инцидентот. Тој нагласи дека ваквите настани се дел од реалноста на денешниот свет, кој го опиша како непредвидлив.
Според досегашните информации, осомничениот патувал од Калифорнија преку Чикаго до Вашингтон, каде што се пријавил во хотелот неколку дена пред настанот. Истрагата открива и дека легално поседувал оружје, кое го чувал во домот на своето семејство без нивно знаење.
Случајот продолжува да се развива, додека федералните служби ги анализираат сите детали, вклучително и содржината на манифестот, со цел целосно да се утврдат мотивите и потенцијалните пропусти во безбедносниот систем.









