Заменикот министер за надворешни работи на Русија, Михаил Галузин, денеска изјави дека Русија и Белорусија се подготвени да ги искористат сите расположливи средства, вклучувајќи го и нуклеарното оружје, со цел „заштита на Сојузната држава“.
Тој наведе дека воената и безбедносната соработка меѓу Москва и Минск континуирано се унапредува, како и дека двете земји остануваат подготвени да ги применат „сите средства“ за зачувување на својата безбедност, пренесува „Спутник“.
Истовремено, Галузин го обвини НАТО за, како што рече, провокативното засилување на воените сили во близина на границите на Русија и Белорусија, посочувајќи дека во тоа подрачје се одржуваат воени вежби и дека е забележан пораст на инцидентите со дронови.
Од Москва порачаа дека безбедносната ситуација во регионот се влошува поради активностите на Алијансата, додека Русија и Белорусија, според неговите зборови, одговараат со зајакнување на заедничките одбранбени капацитети, што го подразбира и нуклеарното оружје.








