Обилните снежни врнежи предизвикаа сериозни проблеми во воздушниот сообраќај во Бугарија, поради што аеродромот „Васил Левски“ во Софија од 21 часот по локално време на 29 ноември привремено ги запре слетувањата на авионите.
Како главни причини за ваквата одлука се наведуваат тешките зимски услови и недоволните капацитети на службите за копнено опслужување.
Од аеродромот за Бугарското национално радио соопштија дека ограничувањата ќе засегнат 17 авиони кои требало да слетаат во бугарската престолнина.
И покрај забраната за слетување, аеродромот останува отворен за полетувања, додека надлежните екипи работат на расчистување на пистите и патеките за движење на авионите.
Националниот авиопревозник „Бугарија ер“ соопшти дека поради најавените ограничувања до 11 часот на 30 ноември, откажува летови на линиите меѓу Софија и Мадрид, Цирих, Рим и Варна.
Бугарскиот министер за транспорт Георги Пеев нареди проверки на концесионерот на аеродромот и компаниите задолжени за отстранување на мразот од авионите, откако десетици летови беа одложени, а дел и откажани.
Според министерот, и покрај расчистувањето на пистите, расположливите капацитети не се доволни за нормализирање на воздушниот сообраќај.
На патниците им се препорачува пред поаѓање кон аеродромот да го проверат статусот на својот лет кај авиокомпанијата.








