ПРВ.мк
Свет

КАКО СЕВЕРНА КОРЕЈА СТАНА ЕДНА ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ХАКЕРСКИ СИЛИ ВО СВЕТОТ?

КАКО СЕВЕРНА КОРЕЈА СТАНА ЕДНА ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ХАКЕРСКИ СИЛИ ВО СВЕТОТ?

И покрај економската изолација, сиромаштијата и строгите меѓународни санкции, Северна Кореја успеа да се позиционира како една од најмоќните хакерски сили во светот.

Според анализа на Си-ен-ен, темелите на севернокорејската хакерска мрежа биле поставени уште во осумдесеттите години, за време на владеењето на Ким Ил Сунг.

Државата систематски ги селектирала најталентираните ученици по математика и информатика, овозможувајќи им специјализирано образование и дополнително усовршување во странство.

Со доаѓањето на Ким Џонг Ун на власт во 2011 година, кибернетичките операции добиле уште поголемо стратешко значење.

Еден од најпознатите напади поврзани со севернокорејските хакери беше нападот врз американското филмско студио „Сони пикчерс“ во 2014 година. Две години подоцна, во напад врз централната банка на Бангладеш беа украдени 81 милион долари.

Со растот на популарноста на криптовалутите, хакерските групи сè повеќе се насочуваат кон дигиталните финансиски средства.

Според американски официјални лица, во еден од последните напади врз криптоберзата „Бајненс“ биле украдени околу шест милијарди долари, со што вкупната проценета вредност на украдените криптовалути во севернокорејските операции би достигнала 13 милијарди долари. Пјонгјанг ја отфрла вмешаноста.

Извештај на експертски панел на Обединетите нации од 2024 година проценува дека кибернетичките операции обезбедуваат околу половина од девизните приходи на земјата.

Експертите предупредуваат дека дел од овие средства се користат за финансирање на севернокорејските нуклеарни и воени програми.

Дополнителна загриженост предизвикува развојот на вештачката интелигенција, која овозможува сè пософистицирани измами преку лажни идентитети, видеоснимки и електронски пораки.