Иранската Револуционерна гарда соопшти дека вооружените сили на земјата се способни да водат интензивни борби против Соединетите Американски Држави и Израел најмалку шест месеци, доколку конфликтот продолжи со сегашното темпо.
Портпаролот на гардата, Али Мохамад Наини, истакна дека Иран досега користел ракети од „прва и втора генерација“, но во наредниот период би можеле да бидат употребени и понапредни ракети со долг дострел. Тој додаде дека вооружените сили имаат капацитет за одржување на интензитетот на борбите во подолг временски период.
Изјавата следи во момент кога конфликтот меѓу Иран од една страна и САД и Израел од друга страна влезе во втората недела, со напади врз воена и енергетска инфраструктура и одмазднички ракетни и беспилотни напади низ регионот.
Иранските власти најавуваат продолжување на одговорот на нападите, додека американскиот и израелскиот политички врв најавуваат нови операции против иранските воени и безбедносни структури. Аналитичарите предупредуваат дека моментално не постои јасен дипломатски пат за завршување на конфликтот и дека војната може да трае со недели или подолго доколку ескалацијата продолжи.


















