Евакуацијата на македонските државјани од земјите на Блискиот Исток официјално започнува денеска, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Процесот ќе се спроведува преку комерцијални чартер-летови, а целта е сите македонски граѓани кои изразиле подготвеност за враќање да бидат безбедно доведени во државата до средината на следната недела.
Министерството потврди дека постои потпишан договор со авиокомпанија по спроведена постапка за јавна набавка и дека процесот е целосно координиран со дипломатско-конзуларните претставништва во регионот. Последните податоци покажуваат дека во Доха биле контактирани 150 лица, од кои 95 се подготвени за евакуација, додека во Абу Даби биле контактирани 585 граѓани. Исто така, асистенција ќе се пружи на 36 лица од Кувајт, 15 од Бахреин и 5 од Саудиска Арабија.
Министерството апелира до сите македонски граѓани кои сè уште не стапиле во контакт со дипломатско-конзуларните претставништва и имаат потреба од асистенција, тоа да го сторат што е можно побрзо преку дежурните телефонски броеви или СОС-линии. Техничките детали околу летовите ќе бидат дополнително соопштени во координација со авиокомпанијата.
Целта на Министерството е јасна: безбедно, организирано и навремено враќање на македонските државјани од кризните региони на Блискиот Исток.


















