Деветтиот ден од ескалацијата на Блискиот Исток донесе нова димензија на конфликот, кој започна со заедничкиот напад на Соединетите Американски Држави и Израел врз Иран. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху јасно најави дека Израел ќе продолжи да напаѓа „со сета своја моќ“, нагласувајќи дека се подготвени за нови цели и изненадувања со цел дестабилизирање на иранскиот режим. Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, изјави дека Иран бил „жестоко нападнат“ и дека ќе биде „нападнат уште посилно“.
Иран не остана без одговор. Во последната недела иранските сили таргетираа американски и израелски позиции во регионот, како и соседните држави – Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт, Саудиска Арабија и Бахреин. Рано наутро сирени за воздушен напад алармираа низ Израел, предупредувајќи на дојдовни ракети од Иран, при што израелската воздушна одбрана интервенционираше и пресретна најмалку два бранови ракети.
Кувајт беше погоден од бран ирански дронови, при што голем пожар зафати зграда на владата и критична инфраструктура, вклучувајќи резервоари за гориво на меѓународниот аеродром. Двајца полицајци загинаа за време на должноста, а причините за нивната смрт сè уште се истражуваат.
Иранската Револуционерна гарда соопшти дека силите на Исламската Република се подготвени да водат „интензивна војна“ против САД и Израел најмалку шест месеци, користејќи војна техника од различни генерации, а во следниот период ќе воведат „напредни и помалку користени ракети со долг дострел“.
Шефот за безбедност на Иран, Али Лариџани, ја обвини администрацијата на Трамп за обид за повторување на сценарио како во Венецуела, додека тврдокорниот шеф на судството, Голамхосеин Мохсени Еџеи, упати сериозни предупредувања до блискоисточните соседи дека напади врз цели поврзани со непријателот ќе продолжат. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан истакна дека Техеран ќе одговори доколку соседни земји се користат како база за напади или обиди за инвазија.
Во самиот Иран, штетата на инфраструктурата и станбените области се зголемува, а Министерството за здравство пријави најмалку 926 цивилни загинати и околу 6.000 повредени – бројки што не можат независно да се потврдат.
Нетанјаху додаде дека Израел практично ја контролира воздушната надлежност над иранската престолнина, додека аналитичарите предупредуваат дека нема јасен пат за завршување на конфликтот, кој според проценките може да трае уште неколку недели. Трамп посочи дека економијата на Иран би можела да се стабилизира доколку покојниот врховен лидер биде заменет со „прифатлив“ лидер за Вашингтон, но Техеран го отфрли ова тврдење.
Дополнително, Трамп ја пофали италијанската премиерка Џорџа Мелони, нарекувајќи ја „одличен лидер“ подготвен да им помогне на САД и Израел во конфронтацијата со Иран. „Ја сакам Италија, мислам дека таа е одличен лидер. Таа секогаш се обидува да помогне и е мој пријател“, изјави американскиот претседател во телефонско интервју.


















