ПРВ.мк

Силно невреме го погоди Делхи и северна Индија: Поплави, оштетена инфраструктура и нарушен авионски сообраќај

Силно невреме го погоди Делхи и северна Индија: Поплави, оштетена инфраструктура и нарушен авионски сообраќај
Vero

Делхи и околните индиски сојузни држави беа погодени од силно невреме во саботата, проследено со обилни врнежи и грмежи, што предизвика поплави, откорнување на дрвја и сериозни нарушувања во авионскиот сообраќај на северот од земјата.

Според извештаите на индискиот весник Times of India, водата навлезе во бројни подвозници низ неколку населби во главниот град, при што автобуси, автомобили и други возила останаа заглавени. Како последица на лошите временски услови, електричното снабдување беше во прекин во повеќе делови од градот во текот на неколку часа.

Утрината во неделата беа пријавени нови поплави во неколку пониски делови од градот, особено во централните и јужните реони на Делхи, што дополнително го отежна сообраќајот и предизвика застој на главните сообраќајници.

Аеродромските власти во Делхи издадоа известување со препорака до патниците да ја проверат состојбата на своите летови пред да тргнат кон аеродромот. Според индиските медиуми, дури 49 летови биле пренасочени во периодот помеѓу 23:30 и 04:00 часот по полноќ поради екстремните временски услови.

Локалните медиуми исто така јавуваат дека во градот Газијабад, во сојузната држава Утар Прадеш, животот го загубил еден полицаец откако се урнал покривот од неговата канцеларија за време на невремето.

Метеоролозите најавуваат дека нестабилното време може да продолжи и во наредните денови, при што властите апелираат до граѓаните да останат внимателни и да избегнуваат непотребни патувања додека трае опасноста од нови поплави и уништување на инфраструктурата.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран