Три лица загинаа, а најмалку 21 се повредени во силна експлозија што се случи пред елитен ресторан во центарот на Москва, во близина на Кремљ. Руските власти соопштија дека станува збор за напад со импровизирана експлозивна направа, а истрагата е во тек.
Според руските медиуми, ресторанот бил затворен за приватен настан на кој, наводно, присуствувале високи воени и државни претставници, а меѓу непотврдените информации е и дека се славел роденден на руски генерал. Овие детали засега не се официјално потврдени од властите.
Според првичните информации, жена која се претставила како курир се обидела да внесе пакет во ресторанот, тврдејќи дека носи подарок. Обезбедувањето ја запрело на влезот за проверка, по што експлозивната направа детонирала. Во експлозијата загинале жената, припадник на обезбедувањето и еден гостин, а повеќе од дваесет лица биле повредени.
Руските истражители разгледуваат повеќе можни сценарија, меѓу кои и можноста експлозивната направа да била активирана од далечина. Засега не е соопштен мотивот, ниту пак е потврдено дали жената знаела што пренесува.
По експлозијата, местото беше обезбедено од силни полициски сили, а истрагата продолжува за да се утврдат сите околности и евентуалните организатори на нападот.










