Поранешниот командант на Специјалната антитерористичка единица (САЈ) на Србија, Спасоје Вулевиќ, изнесе сериозни тврдења за наводни подготовки за насилна пресметка со граѓаните за време на изборната ноќ во Белград.
Во изјава за српскиот портал Nova.rs, Вулевиќ тврди дека, покрај силното полициско присуство во центарот на главниот град, биле подготвени и организирани групи мажи облечени во црно.
Според неговите информации, група од околу 200 лица, облечени во црна облека и со ранци, престојувала во хотел во центарот на Белград.
„Некои луѓе ги снимиле. Излегле околу 19:30 часот и исчезнале. Тоа била само една група за која е утврдено каде била сместена“, изјавил Вулевиќ, додавајќи дека постојат сомневања оти станувало збор за лица подготвени за физички пресметки.
Тој тврди и дека полициските сили биле распоредени во голем број, вклучително и жени вработени во полицијата, а на дел од припадниците им биле поделени шок-бомби.
Дополнително, Вулевиќ посочува дека наводно се разгледувала употреба на воден топ, како и дека постојат информации за цистерни на одредени претпријатија кои биле пребоени во црно.
Според него, ваквите информации треба да бидат предмет на проверка од надлежното обвинителство.
Станува збор за тврдења на поранешниот командант, кои засега не се независно потврдени.








