Патување од соништата, кое требаше да трае три и пол години и да опфати речиси 150 земји, ненадејно е прекинато откако луксузниот крузер „Вила Ви Одисеј“ ги запрел операциите поради енормно високите трошоци за гориво.
Бродот, кој тргнал од Белфаст во октомври 2024 година, го прекинал патувањето во Камбоџа, каде што околу 200 патници биле принудени да се симнат во пристанишниот град Сихануквил.
Американската компанија „Вила Ви Резиденсис“, која управува со крузерот, соопшти дека работи на обезбедување привремено сместување и решенија за патниците.
Главната причина за прекинот е драстичното поскапување на горивото. Според компанијата, месечните трошоци за гориво по кабина во одредени делови од Азија пораснале од 1.800 на неверојатни 8.000 долари.
И покрај обидите за намалување на потрошувачката, меѓу кои и подолги задржувања во пристаништата, компанијата не успеала да се справи со финансискиот товар.
Зголемувањето на цените на горивата се поврзува со војната во Иран, која предизвикала сериозни нарушувања на глобалниот енергетски пазар.
Крузерот, долг речиси 200 метри и со капацитет до 650 патници, поминал повеќе од 750 дена на своето патување пред да биде објавена одлуката за прекин.
Наместо да продолжат со обиколката на светот, патниците сега се соочуваат со неизвесност околу продолжувањето на нивното патување.








