ПРВ.мк
Свет

Шокантно откритие: Пронајдени неколку тони нуклеарен материјал на непријавена локација

Шокантно откритие: Пронајдени неколку тони нуклеарен материјал на непријавена локација

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) открила неколку тони нуклеарен материјал на досега непријавена локација во Сирија, соопшти директорот на агенцијата Рафаел Гроси.

Според Гроси, станува збор за материјал кој потенцијално би можел да биде злоупотребен, поради што ќе биде ставен под меѓународен надзор.

„Зборуваме за неколку тони нуклеарен материјал што може да се злоупотреби“, изјави Гроси на прес-конференција во Дамаск.

Сириските власти тврдат дека материјалот е дел од наследството на поранешниот режим на Башар ал-Асад. Министерот за надворешни работи Асад ал-Шаибани соопшти дека Сирија на 17 јули доброволно ја известила МААЕ за неговото постоење.

Гроси и експертски тим на МААЕ ја посетиле локацијата и зеле примероци за понатамошна анализа.

Според првичните технички проценки на сириските власти, материјалот во моментов не претставува непосреден безбедносен ризик. Тој ќе остане во Сирија, но ќе биде под надзор на МААЕ, а сириските експерти ќе соработуваат со агенцијата за негово безбедно складирање.

Во рамките на посетата, Гроси престојувал и во Деир Ез-Зор, каде МААЕ претходно истражуваше сомнежи дека можеби се наоѓал нуклеарен реактор.

Агенцијата претходно соопшти дека при инспекција во 2024 година на таа локација биле пронајдени честички ураниум.

Израел во 2018 година призна дека во 2007 година извршил таен воздушен напад врз локацијата, тврдејќи дека таму се градел нуклеарен реактор.

Нуклеарниот материјал откриен сега ќе остане под меѓународен мониторинг, додека МААЕ продолжува со анализите и проверките во Сирија.