Европската комисија денеска го објави своето мислење за привременото повторно воведување на внатрешните гранични контроли во девет земји од Шенген зоната – Австрија, Данска, Франција, Германија, Италија, Холандија, Норвешка, Словенија и Шведска.
Според оценката на Комисијата, овие мерки биле воведени поради реални безбедносни предизвици и засилен миграциски притисок, но истовремено се предупредува дека продолжените контроли носат последици за соседните држави, прекуграничните работници и локалните заедници кои зависат од слободното движење.
Во објавените мислења се наведува дека преку структурираниот дијалог меѓу земјите веќе се постигнати одредени подобрувања, меѓу кои намалување на времето на чекање на границите и подобра координација меѓу институциите.
Европската комисија препорачува државите постепено да почнат со укинување на внатрешните контроли и да применуваат алтернативни механизми, како несистематски полициски проверки, користење мобилна биометрија и засилено следење на движењето на возила.
Воедно, Комисијата потсетува дека спроведувањето на Пактот за миграција и азил, како и воведувањето на новите системи за влез-излез и ETIAS, треба дополнително да го зајакнат надзорот на надворешните граници на Европската Унија и да создадат услови за постепено враќање кон целосно слободно движење.
Од Брисел нагласуваат дека Шенген зоната останува клучна за функционирањето на европската економија, внатрешниот пазар и слободното движење на луѓе, стоки и услуги, особено за регионите кои секојдневно зависат од прекуграничната соработка.





