ПРВ.мк
Свет

Се огласи роднина на Стивен Ивановски: Го нема во болниците во Швајцарија, надежта сега е насочена кон Франција и Италија

Се огласи роднина на Стивен Ивановски: Го нема во болниците во Швајцарија, надежта сега е насочена кон Франција и Италија
Kristal

И по неколку дена од катастрофалниот пожар во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, судбината на младиот Стивен Ивановски останува целосна мистерија. Блиска роднина за „Скопје1“ потврдува дека семејството сè уште нема никаква официјална информација за неговата состојба или локација.

Како што вели роднината, сите болници во Швајцарија биле детално проверени, но Стивен не е пронајден ниту во една здравствена установа. Токму тоа, иако дополнително ја зголемува неизвесноста, истовремено остава простор за надеж дека тој можеби бил префрлен или згрижен во болници надвор од земјата.

„Нема никакви нови информации. Семејството живее и работи во Швајцарија повеќе од 20 години и ги проверија сите болници тука – го нема. Единствената надеж е дека можеби се појави информација од болниците во Франција или Италија“, вели роднината.

Од Министерството за надворешни работи вчера официјално потврдија дека случајот е пријавен и дека се трага по Стивен Ивановски. Истовремено, информираа дека телефонските линии во македонската амбасада се отворени за сите кои имаат потреба од помош или располагаат со корисни информации.

Стивен последен пат бил виден во новогодишната ноќ, во моментите кога избувна пожарот во барот, трагедија во која животот го загубија десетици лица, а стотици беа повредени. Од тој миг, според семејството, од него нема апсолутно никаква трага.

Во апелите што неговите најблиски ги споделуваат на социјалните мрежи се наведува дека во моментот на исчезнувањето Стивен бил облечен во бели панталони и бел дуксер, а постои можност со себе да ги имал и карактеристичните очила за сонце кои се гледаат на фотографиите што кружат онлајн.

Семејството и пријателите упатуваат итен и очаен повик до сите кои можеби го виделе Стивен, имаат било каква информација или знаат дали бил примен во болница во Женева, Цирих или во некоја друга европска држава, веднаш да се јават на следните телефонски броеви:

076 415 0868 076 385 7165 078 229 5745

„Братучед ми е исчезнат во пожарот во Швајцарија. Ако некој го има видено или знае нешто, нека нè контактира“, стои во апелот што постојано го споделуваат неговите најблиски.

Во меѓувреме, здравствениот систем во регионот на кантонот Вале продолжува да работи под огромен притисок поради бројот на повредени. Претседателот на кантонот, Матијас Рејнар, изјави за швајцарските медиуми дека голем дел од медицинскиот персонал доброволно се вратил на работа и покрај празниците, а се водат разговори и за ангажирање специјалисти за лекување на изгореници од Франција.

И покрај деновите исполнети со страв, неизвесност и исцрпеност, семејството на Стивен Ивановски не се откажува. Сè уште веруваат дека ќе се појави каква било трага која ќе донесе одговор и ќе помогне во неговото пронаоѓање.

FixCredit
Escape

Најнови вести

Escape
Mia Home Mavrovo
Escape