Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Димитриј Медведев, жестоко реагираше на најавеното кадровско решение во Киев, коментирајќи го изборот на нов шеф на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во изјава за руските медиуми, Медведев со ироничен и навредлив тон го поздрави изборот на Кирил Буданов, актуелниот шеф на украинската воена разузнавачка служба, за позицијата началник на кабинетот.
„Кловнот кој одамна го загуби својот легитимитет си избра нов шеф на кабинетот – терорист. Навистина одличен избор“, изјави Медведев, користејќи ја реториката која руските власти често ја применуваат кон украинското раководство.
Тој додаде дека е „штета што има само едно слободно место“, алудирајќи дека второто требало да му биде понудено на поранешниот главен воен командант на Украина, Валериј Залужни. Според Медведев, со таков потег Зеленски би ги „тргнал од таблата“ двајцата потенцијални политички ривали.
Сепак, рускиот функционер оцени дека ни ова кадровско решение нема да му помогне на украинскиот претседател, тврдејќи дека неговата политичка судбина е веќе запечатена.
Украинските медиуми потсетуваат дека позицијата шеф на кабинетот на претседателот остана празна откако Зеленски го разреши досегашниот носител на функцијата, Андреј Јермак, поради негово поврзување со корупциски скандал. Во меѓувреме, Москва официјално го има ставено Кирил Буданов на својот список на лица означени како терористи.
















