Тешка сообраќајна несреќа со човечки жртви се случи попладнево на регионалниот пат Маврово – Дебар, во близина на Манастирот „Св. Јован Бигорски“, откако патничко возило излета од коловозот и заврши во водите на реката Радика.
Според информациите на АМСМ, од 18:30 часот сообраќајот на оваа делница е целосно во прекин, поради интервенцијата за извлекување на возилото од реката и расчистување на местото на несреќата, во која има загинати лица.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека пријавата за инцидентот била примена во дежурниот центар Е-112 во Охрид во 15:48 часот. Според првичните наводи, возилото се движело со голема брзина, по што возачот изгубил контрола. Автомобилот неколкупати се лизнал по коловозот, се превртел и на крај завршил во коритото на реката, на делницата по манастирот.
По добиената дојава, Регионалниот центар за управување со кризи од Тетово веднаш стапил во контакт со пријавителот и ги алармирал сите надлежни институции. На местото на несреќата излегле полициски службеници од Полициската станица Ростуше, заедно со командирот и дополнителни полициски екипи.
Во спасувачката и извлекувачка акција се вклучила и Територијалната противпожарна единица Гостивар, која испратила екипа со две противпожарни возила и четворица пожарникари. На терен била присутна и Итната медицинска помош од Ростуше.
Надлежните служби продолжуваат со интервенцијата и увидот, а повеќе детали за бројот на жртвите и околностите под кои се случила трагедијата се очекуваат по завршување на истрагата.
















