Американскиот претседател Доналд Трамп преку својата социјална мрежа Truth Social порача дека постои реална шанса за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина.
„Помислете на стотиците илјади животи што може да се спасат ако се стави крај на ова бесконечно крвопролевање. Тоа би значело сосема нов и многу подобар свет. Ќе продолжам да соработувам со двете страни за да се осигурам дека тоа ќе се случи. САД сакаат наместо на војна, да се фокусираат на обнова и трговија. Не очекува голема недела“, објави Трамп.
Неговата изјава доаѓа откако рускиот претседател Владимир Путин најави иницијатива за обновување на директните мировни преговори со Украина. На прес-конференција, Путин предложи преговорите да се одржат на 15 мај во Истанбул, без никакви предуслови. Тој најави дека лично ќе му се обрати на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за помош во организацијата на средбата.
Путин нагласи дека Русија е подготвена за сериозни разговори со цел да се отстранат корените на конфликтот и да се отвори патот кон траен мир.