Јапонија донесе одлука за делумно рестартирање на нуклеарната централа Кашивазаки-Карива, најголемата во светот, која беше затворена по разорниот цунамии во Фукушима во 2011 година. Регионалниот гувернер на префектурата Ниигата, Хидејо Ханазуми, соопшти дека ќе дозволи рестартирање на еден или два од најголемите реактори, со што се отстранува последната голема пречка за операторот „Токио Електрик Пауер Ко“ (TEPCO). Сепак, одлуката ќе треба да добие поддршка од префектурното собрание на редовната седница закажана за 2 декември.
Рестартирањето е прво за TEPCO откако катастрофалното цунами ја уништи централата Фукушима, што резултираше со затворање на 54 нуклеарни реактори низ Јапонија. По ова, земјата стана зависна од увоз на фосилни горива, што ја направи ранлива на глобални кризи во снабдувањето. Само минатата година, Јапонија за увоз на течен природен гас и јаглен потроши 68 милијарди долари, што претставува околу една десетина од вкупните трошоци за увоз.
Жителите на Ниигата се поделени околу ова прашање. Гувернерот Ханазуми нагласи дека обезбедувањето точни информации за безбедносните мерки е клучно за градење доверба и свест кај локалното население.
Главниот секретар на јапонскиот кабинет, Минору Кихара, објасни дека рестартирањето е неопходно за намалување на цените на електричната енергија и обезбедување декарбонизирани извори на енергија. Со овој чекор, Јапонија се обидува да ја намали зависноста од скапи фосилни горива и да обезбеди стабилно снабдување со енергија, со цел да се справи со долгорочните последици од катастрофата пред повеќе од десет години.
Одлуката за доверба на префектурното собрание ќе биде клучна за тоа кога и како централата ќе започне со работа, а целото внимание на јавноста е насочено кон безбедноста и стабилноста на најголемата нуклеарна електрана во светот.
















