ПРВ.мк

САД и Саудиска Арабја потпишаа договор вреден 142 милијарди долари

САД и Саудиска Арабја потпишаа договор вреден 142 милијарди долари
Jumbo Banner

Вашингтон/Ријад – Соединетите Американски Држави и Саудиска Арабија потпишаа историски договор за продажба на одбранбена опрема вреден речиси 142 милијарди долари, соопшти Белата куќа. Според официјалните информации, со овој договор на Ријад му се обезбедува пристап до најсовремената воена технологија и услуги од десетици водечки американски компании.

Овој одбранбен договор претставува дел од поширок саудиски инвестициски пакет во вредност од 600 милијарди долари, наменет за вложувања во САД. Според информациски документ на Белата куќа, станува збор за најголемиот договор за продажба во историјата на американската одбранбена индустрија.

Договорот опфаќа и испорака на гасни турбини и енергетски решенија од страна на „Џенерал електрик“ (GE) во вредност од 14,2 милијарди долари, како и продажба на патнички авиони „Боинг 737-8“ во вредност од 4,8 милијарди долари, пренесува Гардијан.

Потпишувањето на договорот се случи за време на официјалната посета на американскиот претседател Доналд Трамп на Саудиска Арабија. Тој, заедно со престолонаследникот Мохамед бин Салман, го потпишаа и Стратешкиот економски договор за партнерство меѓу двете земји, на свечена церемонија во Кралската палата во Ријад.

Како што објави агенцијата Ројтерс, партнерството ги опфаќа секторите на енергетиката, рударството и одбраната. Енергетскиот сегмент предвидува заемна соработка во областа на енергетиката, додека рударскиот дел се однесува на заеднички проекти за истражување и развој на минерални ресурси.

Одбранбениот дел од договорот се фокусира на модернизација и развој на капацитетите на саудиските вооружени сили, преку обезбедување идни одбранбени способности. Покрај тоа, беше најавена и заедничка изјава за намера, со која се предвидува продлабочување на соработката во областа на муницијата, обуката, поддршката, одржувањето, надградбата на системите, резервните делови и едукацијата за копнените и воздушните системи на Националната гарда.

Дополнително, беше потпишан и договор за развој на здравствените капацитети на саудиските вооружени сили, како и зајакната соработка со американското Федерално истражно биро (FBI) и Министерството за внатрешни работи.

Меѓу останатите иницијативи, договорот вклучува и партнерство меѓу Саудиската вселенска агенција и НАСА, со фокус на истражувања за влијанието на вселенските услови. Предвидена е и меѓусебна поддршка на царинските служби, измена на постојниот договор за воздушен сообраќај, како и заеднички проекти за истражување на заразни болести, здравствени предизвици и заштита на животната средина.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран